Основно училиште „Мирче Ацев“ - Скопје


Мирче Ацев

Пред народниот суд еден агент сведочеше:

Пинџуров, освен што го кажа името, ништо друго не кажа и затоа почнавме да го тепаме. Во тепањето учествуваа повеќе агенти.

Впечатокот од неговото фаќање од полицијата беше мошне силен. Штом го дознавме неговото име јас отидов кај началникот и му соопштив дека Пинџуров ништо не кажува, дури одбива дека работел за партијата. Кога тоа го кажав, началникот рече:

„Ти нели си ја знаеш работата“!

Потоа кај началникот го донесоа Мирче Ацев. На началникот му кажав за кого станува збор и му реков дека и Ацев одбива да каже дека е комунист. Началникот нервозно извика:

„Водете го, нели знаете што треба да работите”!

Кога видов дека Пинџуров ништо не признава, повторно беше подложен на тепање. Беше врзан и тепан по табаните зо гумени палки и со парчиња автомобилски гуми. Го тепавме по цело тело, кој каде ќе стигне, со клоци, по грбот, по стомакот, а на моменти нозете му ги стававме во вода и продолжувавме со тепање. Го тепавме два дена едно по друго, без прекин. Така, во многу лоша состојба го однесовме во келијата. Таму беше 24 часа. Другиот ден, попладнето, испратив агент да го повика на испрашување. Агентот веднаш се врати и рече:

„Пинџуров умрел во келијата”!

Потрчав кон неговата ќелија, го најдов легнат и околу него на подот имаше траги од пена на неговата уста. Веднаш се јавив до началникот на државната безбедност и му реков:

„Пинџуров умрел во неговата ќелија”.
„Како умрел”? - праша началникот.
„Не знам”, му одговорив.

Не претпоставуваше дека толку бргу ќе умре. Потоа обласниот полициски началник нареди трупот да се пренесе во визбата. Додека ние го симнувавме, тој ги собра стражарите нешто да им објаснува, само за да не видат како ние го носиме Пинџуров во визбата. По некое време во визбата дојде обласниот началник и откако го виде умрениот нареди:

„Уште вечерва да биде закопан некаде! Сака ли некој тоа да го направи доброволно “?
По извесно време неговата наредба ја прифати еден од агентите.

Знам дека трупот на Пинџуров го однесоа со приколка двајца агенти, но каде не знам. Распрашувањето на Мирче Ацев се одвиваше истовремено со распрашувањето на другите апсени во Велес. Мирче одбиваше да каже какви било дриги изјави освен неговото име и презиме. Поради доа бевме принудени да го тепаме.

Го тепавме немилосрдно неколку пати, многу жестоко. Нозете му беа многу отечени, па тепањето го продолживме по заднкот. Го тепавме на смени, а по секое тепање тој ни велеше дека ќе даде писмена изјава. Му дававме хартија, а тој на неа ќе ја напишеше само неговата кратка биографија.

Од сите затворени во затворот Мирче беше најмногу тепан и тоа најмногу го издржа. На неговото тело немаше место што нема знаци од тепање.

Гледајќи ја неговата состојба наредив да го стават во друга потопла просторија која се наоѓаше во близина на мојата. Оставив неколку агенти да го чуваат.

Попладнето, околу шест часот еден од чуварите влезе во мојот кабинет и рече:

„Господине, Мирче е во многу лоша состојба, умира “.
„Добро, врати се назад “ - рече началникот. Кога јас излегов, тој нареди:
„Ако умре, фрлете го низ прозорецот и на обласниот началник ќе му кажете дека сам се фрлил “.